09/08/2010

Бесплатен хостинг – дали вреди да се ризикува?

Назначен како дел од: Хостинг — Тагови: , , , — Иван Петрушевски @ 09:00
Серијал - МКХост и Претприемач

Серијал - МКХост и Претприемач

Продолжуваме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена во деловниот свет. Денес ќе продолжиме со разлика помеѓу бесплатен и платежен хостинг.

Бесплатен хостинг – секој од нас посакува да добие нешто бесплатно, па така низ интернет мрежата се нудат и услуги од хостинг бизнисот кои се бесплатни, а меѓу нив највеќе се присутни бесплатните хостинг услуги. Знате, постои поговорка која вели: бесплатен ручек нема, па ќе се обидеме да објасниме повеќе за овие бесплатни хостинг услуги.

За оние кои сакаат повеќе да дознаат за видови на хостинг услуги, може да прочитаат на еден од претходните информативни постови каде се објаснува веб хостингот и видовите на хостинг услугите.

Секако дека има многу веб хостинг провајдери кои нудат бесплатни услуги, но глобално искуството со нив е негативно. За да не се најдете во таква ситуација еве неколку објаснувања, негативности за поседување на бесплатен хостинг простор. Не треба да ја направите и вие грешката што многумина ја имаат направено и го имаат изгубено својот веб сајт преку ноќ.

Се зависи каков веб сајт сакате да хостирате. Најосновно правило што треба да го знаете е дека хостинг провајдерот кој што ќе ви го понуди овој бесплатен хостинг не ви гарантира за неговиот uptime, неговата стабилност, сигурност, кражба од информации и може секој момент без никакво известување да ви го исклучи истиот без никакви обврски спрема вас. Доколку имате развиено бизнис и сакате да го претставите на интернет со поставување на веб страна, тогаш строго ви препорачувам да не користите бесплатен хостинг пакет.

Слабости на бесплатниот хостинг

Со бесплатен хостинг пакет обично не добивате алатки и поддршка што треба да ја има секој корисник на хостинг услуга. Еве неколку негативности за бесплатен веб хостинг:

  • мал простор
  • bandwidth месечен лимит за трансфер на податоци кој може да варира и некогаш да ви биде исклучен сајтот при поголема посетеност
  • слаба корисничка поддршка
  • поставување на банери и скриени скрипти во вашиот сајт од страна на хостинг провајдерот – ќе влијаат врз оптимизација на сајтот, ќе добиете негативен ефект кај посетителите како и пребарувачите
  • спамерите секогаш бараат бесплатни хостинг провајдери, па дали со нив ќе го делите shared просторот од серверот и дали ip адресата на серверот ќе биде банирана од интернет пребарувачите?
  • некои провајдери дури не ви даваат ни можност за backup на податоците, како и дополнителни алатки кои треба да ги имате како контрол панел, ресторирање и зачувување на базата на податоци, емаил акаунти и додавање на дополнителни веб страни
  • може да очекувате и нестабилност на серверот, одредени корисници на истиот сервер може да го користат хостингот за нелегални цели па да дојде до прекин на услугата секој момент
  • ќе треба да вршите редовен backup вие лично, затоа што не се очекува од бесплатниот хостинг провајдер да го прави тоа за вас
  • веб пребарувачите не ги сакаат бесплатените хостинг сајтови и често ги игнорираат. – Како ќе биде пронајден вашиот бизнис ако пребарувачите го игнорираат сајтот?
  • URL адресата на бесплатниот хостинг сајт ќе биде долга и тешка за памтење

Предности од имање на свој домен како и платен професионален веб хостинг:

  • со закуп на сопствен домен, вие автоматски го креирате брендот на интернет и името лесно се памти: пр. pretpriemac.com.
  • поддршката секогаш е тука за вас, дали треба да креирате емаил адреса или ви треба помош при поставување на веб страната…
  • ќе имате брендирана емаил адреса и ќе може да креирате стотици e-mail адреси
  • свој контрол панел каде лесно ќе се снаоѓате и каде ќе најдете многу алатки и опции кои ќе ви помогнат при раководење на вашата веб страна
  • многу полесно ќе бидете забележани од веб пребарувачите – ип адресата на хостинг провајдерот нема да биде блокирана од нив затоа што на истата постојат и други сериозни веб страни
  • изгледа многу попрофесионално и нема банери и дополнителни реклами од хостинг компанијата

Сепак доколку планирате да креирате мал веб сајт лично за вас, проект на факултет кој треба да се објави на интернет за да го проверат вашите професори, или пак да си креирате веб сајт за забава, за ваши фотографии и биографија за да го покажувате на блиските и на пријателите, тогаш бесплатниот хостинг може да ви послужи за краткотраен период. Доколку го заборавите и не го посетувате, може да ви го суспендираат или терминиираат после одреден период. За разлика од платениот веб хостинг каде кога ќе го платите, секогаш ви е достапен и неможе да го избришат без претходно известување.

За оние кои размислувале за закуп на бесплатен хостинг, а горенаведениот текст ги предомисли или малку ве размисли, МКхост воведе нов пакет: STARTUP кој може да го добиете за цена од само 1000 денари за ЦЕЛА година. Пакетот ги има следниве карактеристики:
150 мб хостинг простор
5000 мб месечен сообраќај познат како bandwidth
неограничен број на e-mail адреси, Mysql бази на податоци, поддомени, FTP акаунти…
cPanel контрол панел со вклучен File Manger
ВИДЕО МАТЕРИЈАЛИ ЗА КАКО ДА ГО ХОСТИРАТЕ И ПОСТАВИТЕ ВАШИОТ ВЕБ САЈТ
Пакетот може да го нарачате со клик на линкот.

Целиот процес на нарачка и закуп на пакетот може да го прегледате преку следното видео.

Се надевам дека ќе го направите правиот избор и нема да се покаете во иднина :) .

16/07/2010

Технологија – Прифати ја, Не бегај!

Назначен како дел од: Маркетинг,Новости — Тагови: , , — Иван Петрушевски @ 11:00
Серијал на МКХост и Претприемач

Серијал на МКХост и Претприемач

Продолжуваме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена.

Бегство до технологија! Сеуште е реалност кај нас. Дали може еден претприемач да опстојува без неа? Може, но кратко. Тоа би бил мојот одговор. Сепак технологијата е нешто што има постојано и најсилно влијание на секаков тип на бизнис. Таа е и дел од PEST и во тој пост накратко го наведов следново:

Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои еден бизнис го трансформира влезот во излезот. Тука најважен фактор е иновацијата или развој на нови процеси, производи или услуги. Стапката на влијание на технологијата како екстерно опкружување врз бизнисот варира од индустрија до индустрија. На пример, влијанието на технологијата на информациската индустрија е многу поголемо во однос на влијанието на било која друга индустриска гранка.

Но, да тргнеме од почеток.

Дефинирање на технологија

Тргнувајќи од самото потекло на зборот технологија кој е составен од два грчки збора:

  • Техно (τέχνη) што значи вештина, умешност, занает… и
  • Логија (λογία) што значи учење, знаење на нешто.

Значи технологијата е резултат на примена на знаењето за одредени вештини, занаети или умешности во креирање на одреден резултат.

Во Oxford Dictionary технологијата се дефинира како:

Научно истражување и користење на применети науки (како инженерство на пример) и примена на тоа знаење преку практични задачи во индустријата.

Може да се забележи дека она што е поврзано со технологијата претставува:

  • Знаење
  • Вештина
  • Умешност
  • Учење
  • Примена

Зборот технологија не се однесува само на технологија на производството, туку и на секаква технологија која се користи во деловниот процес на бизнисот како што се компјутерите, факсовите, телефоните, e-mail, интернетот итн. како и знаењето во однос на таа технологија.

Влијание на технологијата врз бизнисот

Постојат многу анализи и истражувања во науката за тоа какво влијание има технологијата врз бизнисот или еден организациски систем. Но, една од најкомплетните анализи е анализата на Woodward од која што знаеме какво влијание има технологијата на организациската структура :

  • Колку е покомплексна технологијата – единечно и континуирано производство – поголем е бројот на менаџерите и менаџерските нивоа
    Опфатот на менаџментот на менаџерите од првиот ред се зголемува од единечно до масовно производство, а потоа се намалува од масовно до континуирано производство.
  • Колку е поголема технолошката комплексност на фирмата толку е поголем канцеларискиот и административниот персонал.

Влијанието на компјутерите врз организацијата е доста проучувано. Daniel A. Wreen и Don Voich, JR велат: “Примена на компјутерите доведува до централизација во донесување на одлуки. Оваа централизација е овозможена со поголемата достапност на информациите. Освен тоа, компјутерите постепено ги елиминираат рутинските административни работи со што се намалува бројот на вработени во ова подрачје. Меѓутоа се шират одделенијата за обработка на податоци така да крајната последица не е драматично намалување на бројот на вработените. Бројот на потребните менаџери се зголемува со тоа што се намалува административниот кадар. Одделенијата веројатно ќе се спојуваат, а опфатот на менаџментот ќе се намалува особено на пониските нивоа”.

Но, да земеме еден понаков пример наместо истражување:

Еден од Вашите конкуренти ја следи технологијата која е во тренд. Нормално изработува веб страна преку која ја зголемува интерактивноста со потенцијалните потрошувачи. Се вклучува во последниот тренд на комуникација и соработка со потенцијалните потрошувачи преку социјалните мрежи како резултат на последните технолошки трендови. Во исто време, многу потенцијални потрошувачи се присутни на тие платформи. Вие започнувате со губење на дел од Вашите купувачи затоа што тие едноставно сакаат нови комуникациски канали при задоволување на сопствените потреби.

Какви последици едно вакво влијание може да има за Вашиот бизнис? Огромни, секако!

Дали треба да имам страв од технологија?

Технологијата е секаде околу нас. Со самото будење ни ѕвони будилник или дигитален часовник или мобилен. Тоа е технологија која ја користиме. Се возиме со автомобил, автобус или велосипед до работното место. И тоа технологија за нашето превозно средство. Вклучуваме машина, компјутер, шпорет за кафе… И тоа се технологии кои ги користиме. Комуницираме и соработуваме преку е-mail, факс, Skypе, Google Wave… И тоа е технологија која ја користиме за комуникација.

Од ова ми се чини дека доколку стравуваме од технологија стравуваме од самите себеси, стравуваме од ншите пријатели, стравуваме од нашите соработници, стравуваме од нашите потенцијални купувачи…

Дали во еден бизнис се дозволени вакви стравувања? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од технологијата? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од конкуренцијата?

Без разлика дали ние сакаме или не, технологијата оди напред, едноставно не не прашува нас. Во секој момент на глобално ниво излегува нешто ново. Нешто што може да има влијание врз нашата работа утре. Какво ќе биде тоа влијание ќе зависи од индустријата во која се наоѓа нашиот бизниси и индустријата во која припаѓа тоа ново нешто како резултат на технологијата.

Затоа прифати ја реалноста, прифати ја технологијата и едноставно не бегај. Доколку бегаш бегаш од самиот себеси, од твоите пријатели, од твоите соработници, од твоите потенцијални купувачи… Сметаме дека тоа не е Вашата и на Вашиот бизнис цел.

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes