Моите почетоци на блогирањето се поклопуваат со почетоците на платформата за блогирање на он.нет позната како блогерај. По многу краток период поминат таму, бев приморана да заминам од причини кои ми се се уште непознати. Не знам дали се работеше за класично банирање/цензура на корисник или беше некоја техничка грешка, но тоа ме примора да почнам да истражувам за следното место каде би се вдомила. Од сегашна перспектива, многу сум благодарна за тој потег. Никогаш немаше да ги откријам толку брзо можностите кои ги нуди интернетот, бидејќи се уште ќе бев заглавена на платформа каде мора да се почитуваат туѓи наметнати упатства за однесување, зошто сепак газдата на фирмата ги прави правилата, нели?
Направив голема грешка што не ги послушав советите уште веднаш да си закупам свое катче, со платформа и хостинг. Мојата втора виртуелна закачалка во тоа време беше паралелниот блогерај на македонскиот интернет простор – Блогер Мк, но тој блог за жал веќе не постои. На него своевремено успеав да пренесам поголем дел од текстовите, па сепак повеќе од 400 постови останаа заглавени на блогерајот од каде што не постоеше опција (освен мануелно да ги копирам) автоматски да ги внесам на новиот блог.
Сајтот http://arheo.com.mk го купив некаде кон крајот на декември 2007, а благодарение на помошта од Ивица Мицев ја поставив wordpress платформата. Исто така тој го стокми овој темплејт кој од привремен стана постојан и го преведе на македонски јазик. Во почетокот малку тешко го примив блогирањето на wp, зошто не бев навикната. Платформата не е совршена, но и ние луѓето не сме. Сепак за разлика од многу други, нуди огромни можности. Дури и една платформа како моќниот blogger после толку време постоење дури во Мај 2008 година постави опција за местење на тајмингот кај постовите.
Во меѓувреме не успеав да ги префрлам постовите од Блогер Мк, каде претходно блогирав и се случи хаварија. Најголемиот проблем со постовите кои се наоѓаа таму (а беа преку 700) настана кога по извесно време платформата комплетно падна. Не можев никако да го исконтактирам администраторот за да прашам дали има некаков, било каков бек ап на податоците, а исто така не бев во можност да пристапам во администраторската папка на блогот. Со самото ова ми се заглавија сите текстови кои беа он лајн, како и оние кои беа драфтувани. Дури и рачно да ги преместував од самиот блог (т.е. да ги копирам) пак беше прилично сложено. Се обратив за помош до Мк WordPress тимот на кого им благодарам за поддршката. Посебно му благодарам на Ванчо Орданоски од Инфопроект кој несебично помогна да се реши проблемот за исклучително кратко време. Сите упатства како беа пренесени постовите од една крахирана блогерска платформа на wordpress ги имате на на МК WP Блогот. Не дај боже, но овие упатства можеби некому ќе му бидат од корист во иднина. Во меѓувреме тој направи привремена база на еден од локалните сервери во неговата фирма, од каде релативно лесно можеа постовите со опцијата export/import на wp да се пренесат на мојот сајт.
Со оглед на тоа што последните неколку години блогирам сама на независен домен и сопствена wordpress платформа, имам огромно искуство како да се справам со сите проблеми кои наидуваат. Предностите да се биде на сопствена платформа и сопствен хостинг се огромни. Не постојат практично никакви ограничувања, освен лимитите на вашата фантазија и барем елементарно познавање од html кодови. Но кога јас како археолог успеав да ги научам, верувам дека секој би можел да се снајде. Можете да ги подесувате опциите за читање, пишување и едитирање по желба. Да додавате администратори и автори на платформата со што ќе ја направите колаборативен сајт налик на помал блогерај. Да ја менувата темата(позадината) на блогот/сајтот како ќе посакате, бирајќи бои за основата, заглавјето, дното или линковите. Можете да вметнувате разни додадтоци за мета податоци (на пр. фотографии, видеа ) или за некои од социјалните мрежи (facebook, twitter, scribd …). Да модерирате коментари доколку се навредливи или имаат говор на омраза, да сочувувате текстови заради претпазливост, да инсталирате најразлични опции со што и визуелно и текстуално ќе се збогати содржината на вашиот сајт/блог. Имате онолкав простор и месечен сообраќај колку што ќе си закупите и единствена цензура е автоцензурата.
Моето патешествие на интернет беше прилично контроверзно се додека не почнав да го хостирам сајтот кај компанија која е стручна за тоа и самостојно да се грижам за него. Учев од сопствено искуство, а најтешко е кога треба да се истрпите самиот себе за да истраете во мисијата. За сите сегашни и идни блогери кои сакаат да се префрлат на сопствена WordPress платформа, најлесен начин е купување на сајт каде во контролниот панел имаат опција за автоматско инсталирање чија процедура не трае повеќе од 30 секунди. На истиот домен може подоцна да си инсталираат повеќе поддомени со што добиваат независни сајтови на кои исто така може да се инсталира wp. Повеќето теми/темплејти/позадини за wp се бесплатни, па можат да се тестираат се додека не се најде прикладна за корисникот која е без дефекти (bugs). Додатоците (plugins) се исто така бесплатни и мошне лесно се пронаоѓаат на интернет, а уште полесно се инсталираат. Грешки се секако неизбежни, но доколку сајтот ви е хостиран кај одредена компанија, секогаш е можно враќање на претходната ситуација бидејќи тие ги чуваат сите верзии на вашата платформа со се промените. Најважно е што во текот на годината wp платформата постојано се подобрува и секоја нова верзија е постабилна од претходната. Надградувањето е исто така автоматско без додатно познавање од информатички технологии. WordPress платформата нуди една раскошна палета од опции по желба на корисникот.
Овој текст е пренесување на моите лични искуства и премрежја кои сум ги поминала на интернет се додека не почнав да пишувам на сопствена платформа, домен и хостинг. На интернет постои (не) пишано правило – се додека лично не поседувате сопствено виртуелно место, тоа всушнот воопшто и не е ваше, туку му припаѓа на некој друг.
Доколку сте на некоја туѓа платформа каде блогот/сајтот ви е под наем, вие сте практично кираџија. Само еден профил (account) и една орвелова бројка повеќе. И доколку нешто од вашиот профил му се закани како спам на серверот на одредена платформа, тој автоматски ќе ве блокира. Затоа треба пред се да се едуцирате за Новите медиуми, за социјалните мрежи, блоговите, блог платформите, микроблогирањето итн. Што се може да сторите со нив, кои се вашите права, предности и ограничувања. Бидејќи нема веќе идина. Сегашноста им припаѓа ним.
Димитровска Василка
Археолог и професионален
туристички водич
e-mail: info@arheo.com.mk
web: http://arheo.com.mk

[...] е мој гостувачки текст на официјалниот блог на компанијата МКХОСТ каде ја [...]
Pingback by Како и зошто до сопствена платформа, хостинг и сајт » Археолошки дневник vol.2.1/2 © — 09/01/2010 @ 13:56
[...] е мој гостувачки текст на официјалниот блог на компанијата МКХОСТ каде ја [...]
Pingback by Археолошки дневник vol.3 » Како и зошто до сопствена платформа, хостинг и сајт — 10/01/2010 @ 17:06
[...] се, а кога ќе ви затреба да ги објавите вашите слики на блог, може да закупите домен со ваше име (Пример: ime.mk) заедно [...]
Pingback by Лето со МКхост - 20% попуст на сите хостинг услуги | МКхост Блог — 07/06/2010 @ 18:12
[...] се, а кога ќе ви затреба да ги објавите вашите слики на блог, може да закупите домен со ваше име (Пример: ime.mk) заедно [...]
Pingback by Лето со МКхост – 20% попуст на сите хостинг услуги — 21/07/2010 @ 22:21