06/07/2010

Победници на веб дизајн предизвикот на it.com.mk и МКхост

Назначен како дел од: МКхост,Новости — Тагови: , , , — Иван Петрушевски @ 01:50

Веб дизајн натпреварНатпреварот беше организиран од страна на МКхост и ИТ порталот:  it.com.mk . Целта беше да се понудат идеи од страна на учесниците, да се соберат што повеќе на едно место и да разменуваат свои мислења како и остварување на контакт за идни проекти и секако борба за наградите :) .

Победниците и наградите

Сепак, имаше и награди како мотивација на дизајнерите, па некој мора да ги земе. :) Tие што ќе ги добијат наградите се… (тапани)…

  • Smashing Book + 1 година 5.000 MB хостинг од Мк Хост + IT.com.mk маица оди за 0.mk заради едноставниот, функционален дизајн кој одговара со сервисот и има интеракција со друштвените мрежи.
  • IT.com.mk маица + .mk домен + 500 МБ хостинг оди за Travel2Ohrid.com.mk заради едноставноста која одговара со функционалноста. Има интеракција со друштвените мрежи.
  • IT.com.mk + Мк Хост маиците ги добива caramelo.mk кој иако се спомена готов темплејт и нема интеракција со друштвените мрежи, сепак адутот на caramelo.mk е естетиката.

Сите останати учесници можете да ги видите на форумот.

Ова беше мал организиран веб дизајн предизвик, кој е значаен за почеток на вакви натпревари во Македонија, но во иднина планираме организација на натпревар од сличен карактер со подобри награди и интересни докажувања на дизајнерите.

Повеќе може да прочитате и на it.com.mk порталот во врска со предизвикот.

Благодариме на сите што покажаа интерес и вложија трудза да учествуваат.

05/07/2010

Веб хостинг и видови на хостинг услуги

Назначен како дел од: МКхост,Хостинг — Тагови: , , , , — Иван Петрушевски @ 08:00
Веб хостинг и видови на хостинг услуги

Веб хостинг и видови на хостинг услуги

Ќе продолжиме со серијалот на постови кои заеднички со Претприемач ги подготвуваме со цел еден претприемач да го зголеми своето претприемничко знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена. Претходниот пост беше за 5 елементи кои Вие како еден претприемач треба да ги разгледате пред да одлучите за избор на хостинг компанија која ќе го хостира Вашиот бизнис веб сајт.

Ќе продолжиме со подетално објаснување на тоа што претставува веб хостинг и видови на хостинг услуги како би можеле да ја изберете онаа која на Вас како претприемач најмногу би ви одговарала.

Што претставува веб хостинг?

Веб хостинг односно web hosting (на англиски) едноставно може да се дефинира како хостирање на вашата веб страна на Интернет. Може да го дефинираме и како процес на физички поставување на веб сајт на физички сервер, на безбедна локација, кај одреден хостинг провајдер. Под сервер се подразбира физичка машина (компјутер) кој е наменет за опслужување на одредена задача, во овој случај оддржување на веб сајтот кој што е поставен на серверот. Под оддржување мислиме на стабилноста на веб сајтот, сигурноста, брзината на прикажување до крајните посетители, можност за ажурирање на податоците на сајтот…

Многу често терминот веб хостинг се користи и се искажува само: хостинг. Повеќето не го разбираат овој термин и бараат објаснување за неговото значење. Можеби некогаш сте се запрашале како вие да си отворите сопствена веб страна и да ја презентирате на интернет? Доколку да, сигурно сте побарале помош од некого кој веќе е упатен во таа област и првото што би ви го кажал е дека треба да си обезбедите веб хостинг или само хостинг. Зборот хостинг означува дејствие кое е во тек, често се употребува и надвор од интернет сферата кај Англискиот јазик како на пример: Chris will be hosting the 100 Most Shocking Music Moments countdown show on VH1 tonight (Крис ќе ќе ги хостира 100-те најшокантни музички моменти на VH1 вечерното шоу). Веб страната вие ја креирате на вашиот компјутер и потоа ја хостирате со услуга наречена веб хостинг која досега ја дефиниравме.

Доколку сте го слушнале и зборот домен (domain на англиски), често употребуван и како domain name, а во исто време и за веб хостинг и не сте можеле да направите разлика тогаш на овој линк може да прочитате повеќе за разлика помеѓу веб хостинг и домен.

Секоја веб страна што ја посетувате и отварате преку вашите веб пребарувачи е хостирана и достапна на Интернет преку веб хостинг услугите. Веќе знаеме дека интернетот е мноштво од милиони веб страни, каде секојдневно се стартуваат нови и нови, индустријата и хостинг бизнисот се потребни за да ја оддржуваат инфраструктурата на интернетот и да обезбедат поголема достапност на веб сајтовите. Поради овие факти постојат многу компании кои ги нудат овие веб хостинг услуги за одредена цена во зависност од типот на хостинг услугата.

Видови на веб хостинг услуги

Постојат повеќе видови на хостинг услуги. Тие се категоризирани во неколку наслови поделени според нивните карактеристики, па еве едни од најкористените веб хостинг услуги:

Shared Web Hosting

Хостинг сервер

Хостинг сервер

Shared хостинг пакетите се највеќе користени во хостинг индустријата од страна на клиентите како и нудени од хостинг компаниите. Shared (деллив или подделен хостинг) се нарекува поради тоа што целиот простор од еден сервер е поделен на повеќе клиенти и нивните веб страни. Пример хостинг компанијата има стартувано и подесено хостинг сервер со 500gb хард диск. Доколку земеме дека 100gb се користат за оперативниот систем и потребите на администраторите на серверот, теоретски може да кажеме дека остануваат 400gb хостинг простор кој што може да биде поделен(shared) со повеќе клиенти, односно да бидат хостирани повеќе веб страни на серверот и да го делат овој простор. Може да се постават 100 веб страни и секоја да има лимит од 4gb простор. Клиентот добива одреден лимит, а негово е дали ќе го исполни до крај или ќе искористи само неколку проценти од хостинг просторот. Така да теоретски на овој пример може да се стартуваат највеќе 100 веб страни со лимит од 4gb со што би се исполнил целиот хард диск од серверот.

Сепак многу хостинг компании вршат т.н. overselling на хостинг просторот знаејќи дека не сите ќе го користат понудениот хостинг лимит до крај и на тој начин нудат многу поголеми лимити. Доколку 1 од 100 го исполни хостинг просторот до крај тогаш другите 99 имаат само одреден процент исполнето и на тој начин тоа се компензира со поголеми понуди и привлекување на клиентите.

Сепак моја препорака е да се избегнуваат овие overselling хостинг компании, поради една добра причина: што ако сите 100 клиенти го исполнат хостинг просторот до крај? – Ова нема да биде возможно затоа што физички хард дискот нема да дозволи и ќе настане конфликт, поспори перформанси и слично. Ова е прост пример за хостинг сервер и shared хостинг пакетите, но во денешно време хостинг серверите се многу пософистицирани и имаат големи перформанси како и се поврзуваат заедно за опслужување на сајтовите на клиентите.

Кај shared хостинг пакетите процесорот, рам меморијата се делат помеѓу корисниците на истиот сервер. Доколку не постојат лимитирање на ресурсите може во одреден момент еден веб сајт односно клиент да го искористува максимално процесорот, а другите сајтови да бидат спори во дадениот момент.

Предности на Shared Хостинг

  • Цената е прикладна и прифатлива
  • Можност за лесна надградба на поголем пакет
  • Можност за повеќе технологии на истиот хостинг пакет.

Недостатоци на Shared Хостинг

  • Намалување на перформанси на сајтот
  • Неможност за инсталирање на апликации по потреба
  • Безбедноста на сајтот е загрозена доколку некој друг сајт од истиот сервер е мета на напади\

Заклучок

Shared хостинг пакетите се најефтината опција за хостирање на веб сајт. Се препорачува за мали и средни веб страни. Со него може да се користи и емаил сервис, како и други сервери кои спаѓаат за иста цена. Стандардните хостинг пакети на МКхост може да ги проверите на следниот линк: http://www.mkhost.com.mk/linux/

Виртуелен приватен сервер (ВПС)

Виртуелен сервер се нарекува виртуелен затоа што тој практично е дел од физичкиот дедициран сервер. На еден дедициран сервер се стартуваат повеќе виртуелни сервери кои секој си има посебна работна виртуелна околина. Хард дискот, рам меморијата, процесорот, сите се лимитираат и на одреден виртуелен хостинг сервер му се доделуваат лимитирани ресурси. Пример виртуелен приватен сервер со 60gb хард диск, односно хостинг простор,1024mb рам меморија и QUAD CORE процесор. Доколку сакате да имате контрола врз хостинг платформата, но не ви се потребни ресурсите за дедициран сервер тогаш ВПС опцијата е погодна за вас. Се користи виртуелизација на целиот сервер и секој ВПС сервер посебно си работи независно од другите ВПС сервери на главниот дедициран сервер. Можете во секое време да го рестартирате, да инсталирате дополнителен софтвер по ваши потреби и често имате root/administrator пристап.

Дедициран веб хостинг (Dedicated web hosting)

Веб страни на кои им се потребни целосни ресурси на еден сервер се хостираат на цел дедициран сервер. Големи веб страни со многу посети или хардверски побарувања се хостираат на ваков вид на хостинг – дедициран веб хостинг.

Корисникот има цел пристап до физичкиот сервер, додека веб сајтот што се хостира слободно без лимитирања може да ги користи сите ресурси и да опслужи што е можно повеќе посетители.

Сепак ваквиот тип на веб хостинг е поскап за разлика од другите хостинг решенија но затоа нуди големи перформанси.

Реселер веб хостинг (Reseller web hosting)

Доколку имате повеќе веб страни, или сте веб дизајнер кој што сака да ги хостира сите веб страни на неговите клиенти тогаш ова е погодна веб хостинг солуција за вас. Реселер веб хостинг услугата ви овозможува продавање на свои хостинг услуги до вашите клиенти или како хостинг само за вашите веб страни. Закупувате пакет по ваша желба пример 10gb хостинг простор со 100gb месечен сообраќај и со овие ресурси креирате ваши хостинг пакети и ги креирате за вашите сајтови/клиенти. Хостинг компанијата се грижи за серверот, за неговите надградби, безбедност, вие само креирате пакети.

Ко-локација на сервер

Доколку имате свој хардвер, односно ваша серверска машина која сте ја инсталирале и подесиле, може да ја ко-лоцирате во одреден дата центар кој ќе се грижи за него и ќе го обезбедува со нон-стоп интернет пристап, како и струјно напојување и ќе се грижи за неговата безбедност.

Бесплатен веб хостинг

Како што вели поговорката: „Нема бесплатен ручек“, истото може да го кажеме и за бесплатна хостинг услуга. Можеби сте сретнале на Интернет компании или организации кои нудат бесплатен хостинг, но тие на некој начин ви го наплаќаат со поставување на нивна реклама на вашиот сајт, банери, popup прозорчиња, одредени лимитирање на самиот хостинг, не ви нудат безбедност, backup решенија и можеби кога сакаат може да ви го исклучат, не се грижат многу за стабилноста на серверот…

02/07/2010

Хостинг Компанија – 5 Елементи при избор

Назначен како дел од: МКхост,Хостинг — Иван Петрушевски @ 08:00
Претприемач и МКХост серијал

Претприемач и МКХост серијал

Во светот е веќе незамисливо малите бизниси да немаат сопствена веб презентација и продажба преку интернет. За оваа намена Ви е потребно место каде сите тие елементи ќе бидат сместени и достапни за глобалната интернет популација. Тоа место го обезбедувате преку хостинг компанија.

Овој пазар во Република Македонија некако во последниве години бележи голем раст. Голем раст, но во исто време проследен со премногу неправилности, „измами“ и секако несоодветен квалитет во однос на она што еден мал бизнис или претприемач ќе треба да го добие.

Развојот на ова индустрија во светски рамки и секако овозможеноста преку глобалниот интернет секој поединец да купи некаков простор од странските компании и тука да го препродава овозможи една целосна збрка и нерегулиран простор во кој најмногу страдаат претприемачите. Во секојдневен контакт со претприемачите слушам различни изјави дека се чувствуват измамени.

Затоа МКХост и Претприемач започнуваат еден серијал на написи кои едноставно ќе се однесуваат на едукација на сегашните или потенцијалните претприемачи во однос на ова подрачје.

1. Стабилност

Стабилност на системот е една од најважните карактеристики што еден претприемач или еден мал бизнис има потреба од една хостинг компанија.

Примери во однос на стабилноста:

  • Во моментот на одлука за купување Вашиот потенцијален купувач не може да пристапи до Вашата веб страна бидејќи серверот е паднат.
  • Во процесот на донесување на одлука за купување при анализа на бизнисите, потенцијалниот купувач не може да пристапи до производите и/или услугите кои Вие ги нудите бидејќи серверот е паднат.
  • Сакате да испратите/примите битна е-mail порака до/од вашиот бизнис партнер или да ги известите своите потрошувачи за ваш нов производ – но проблем со серверот / e-mail серверот.

2. Бризна

Што се подразбира под брзина за еден мал бизнис кога станува збор за хостинг услуга?

Во денешно време со модерната технологија кај компјутерите и нивниот брз раст, човекот се навикнува на брзо извршување на работите на компјутерот. Нашето време станува драгоцено и потребна ни е секоја секунда од времето.

Брзината на серверот, односно брзината на отварање на вашата интернет презентација е многу важен фактор. Врз брзината влијаат повеќе работи, нормално прво ја земаме интернет конекцијата на посетителот на сајтот, каква конекција има, дали во моментот неговата конекција е зафатена со други интернет апликации и слично.

Важен фактор во брзината на сајтот е и локацијата на хостинг серверот како и неговите софтверски и хардверски перформанси.

Хостинг Сервер

Хостинг Сервер

Локација на серверот, мислиме на физичка локација каде точно е лоциран. Под сервер зборуваме за компјутер, специфично наречен сервер затоа што се користи да опслужува корисници и не спаѓа во групата на персонални компјутери кои се користат само за лична употреба. Хостинг компанијата е таа каде што ги лоцира серверите физички. Серверот е нон стоп под интернет конекција како и струјно напојување со цел да има максимален uptime. Доколку серверот е физички и инфраструктурно поблиску до вас (до вашиот компјутер – вашата интернет конекција), тогаш побрзо ќе комуницира со вас и побрзо ќе ве опслужува. Доколку вие сте во Македонија и серверот е во Македонија, тогаш веројатноста да имате побрз пристап до него во споредба со некој посетител од Америка е многу поголема, затоа што Интернет конекцијата на посетителот од Америка е поврзана помеѓу повеќе провајдери и потребно е поголемо време за комуникација со серверот.

Одредени хостинг компании нудат сервери лоцирани само на една географска локација, додека други на повеќе, сепак клиентот треба да го има ова во предвид кога врши нарачка на одреден хостинг простор и да претпостави од каде ќе му се целните посетители (потенцијалните купувачи) на сајтот за да тие добијат побрз пристап до неговиот сајт и да ги претвори во идни купувачи. На пример, доколку Вашиот бизнис е насочен кон потрошувачи во Македонија најдобро е да изберете вашиот веб сајт да биде хостиран на сервери во Македонија.

Под софтверски перформанси на серверот се подразбира оперативниот систем, системските апликации, преоптеретеноста со податоци …

Под хардверски перформанси подразбираме брзина на процесорот, колку јадрен е процесорот, физички рам и хард диск простор на серверот …

Пример за брзина:

  • Потенцијалниот купувач ја наоѓа Вашата веб страна бидејќи имате вложено огромен труд во SEO или пaк имате активна Google Adwords кампања преку која доаѓа до вашиот веб сајт, но при отворање или разгледување на истата чека премногу време. Се нервира и едноставно го кликнува Х знакчето. Запрашајте се самите колку пати ви се случило да исклучите одреден веб сајт поради тоа што споро се отвара. Спороста ги нервира посетителите и тие налутени го исклчуваат сајтот. Ако му понудите на посетителот брз сајт кој што ќе се отвори веднаш кога ќе ја внесе URL адресата во пребарувачот тогаш тој го направил првиот чекор и дошол на вашиот сајт каде ќе може веднаш да почне да го бара тоа што му треба. Брзина на сајтот е основен предуслов за да го привлечете посетителот и да го претворите во ваш клиент како и да ужива при кликање на линковите во вашиот сајт и брзо скокање од еден на друг линк без чекања.

3. Доверливост

Една хостинг компанија каде што ја хостирате Вашата бизнис веб страна може да има пристап до премногу податоци за Вашиот бизнис кои едноставно претставуваат индустриска тајна. Затоа доверливоста е уште една карактеристика која вие како претприемач ќе мора да ја побарате во една хостинг компанија.

Неколку препораки:

  • Проверете колкав број на клиенти имаат?
  • Кои се клиентите на разгледуваната хостинг компанијата?
  • Колку време постои разгледуваната хостинг компанијата?
  • Дали има инвестирано во опрема во Македонија или едноставно само е реселер на странските компании?
  • Доколку е реселер на кои странски компании е реселер и каква е нивната репутација?

Пример со доверливост:

  • Доаѓа конкурентска компанија и му нуди на хостинг провајдерот тајно пари за да му ги даде информациите за бројот на посетители, географска локација на истите, најпосетувани страни со производи… Дали сакате овие информации да бидат во рацете на Вашите конкуренти? Ние не би сакале!

4. Техничка подршка

Кога станува збор за технологијата често пати може да се случат различни непредвидени грешки кои можат да бидат катастрофални по Вашиот бизнис доколку не се реагира брзо. Затоа при изборот на хостинг компанија каде ќе биде хостирана Вашата веб страна внимавајте да има репутација на квалитетна техничка поддршка.

Видови на техничка поддршка:

  • Најосновна поддршка преку емаил систем (испраќате емаил пример до: support@imenakompanijata.com)
  • Пософистицирана поддршка преку таканаречен тикет (ticket) систем (отворате ticket и целата комуникација се одвива преку овој ticket, предноста е тоа што имате преглед на сите ваши одговори, како и одговорите на членовите од техничката поддршка како и можноста да реплицирате преку веб – немора секогаш да праќате емаил порака. Исто така предност е и за членовите на техничкиот тим, може повеќе да ви помагаат и одговараат на ticket-от како и да го препратат до одреден оддел, ако сте го испратиле на погрешен).
  • Телефонски контакт – ова е најкористен денешен начин на комуникација каде јасно и брзо може да се утврди тоа што се бара. Внимавајте многу хостинг компании не нудат телефонска поддршка, или пак некои нудат но не се секогаш достапни
  • Поддршка преку социјални мрежи како и IM клиенти: SKYPE, MSN … многу клиенти бараат ваков тип на поддршка, затоа што кога сакат може да прашаат за нешто и да добијат веднаш одговор без да чекаат емаил – сепак кај поголеми хостинг компании ваквата поддршка се избегнува
  • Техничка поддршка преку Live Chat – ова е диреткна комуникација на клиентот со некој оператор на сајтот на компанијата при што брзо и директно може да се поставуваат и одговараат прашања без комуникација преку емаил. Се заштедува на време и можност за поставување на повеќе прашања – хостинг компанијата треба да обезбеди вработени кои нон стоп ќе бидат на четот затоа што не се знае кога точно одреден посетител ќе дојде на сајтот на хостинг компанијата да побара помош

Пример со техничка подршка:

  • Се случува технички проблем кој доведува до пад на серверот каде е хостирана Вашата веб страна. Се јавувате на компанијата кај која имате закупено една ваква услуга, но едноставно не можете да ги добиете. Вашите потенцијални купувачи не можат да пристапат до Вашата веб страна иако донеле одлука да купат нешто.

5. Да не е фиктивна компанија?

И секако иако последно, не и најмалку важно. Дали е тоа компанија која поминала низ правниот филтер во Македонија? Дали правниот систем на Македонија е валиден врз компанијата која Ви ги нуди хостинг услугите?

Постојат многу причини зошто го вклучивме и овој елемент кој Вие како претприемач би требало да го разгледате пред да донесете конечна одлука. Тука ќе наведеме неколку прашања:

  • Доколку се случат непредвидени работи кого ќе тужите?
  • Вие сте бизнис – даночен обврзник, како ќе го вратите ДДВ-то?
  • Дали не го прекршувате законот?
  • Денес го има утре го нема – Дали ќе имате штета доколку сите податоци на серверот исчезнат?

28/06/2010

SEO – Оптимизација за пребарувачи

Назначен како дел од: МКхост,Маркетинг — Иван Петрушевски @ 07:36

Кога станува збор за веб презентација на еден бизнис или веб страна за било каква намена не може а да не се размислува за оптимизација за пребарувачи (SEO – Search Engine Optimization).

Што претставува SEO?

SEO не значи измама за да пребарувачот смета дека токму твојата веб страна треба да се појави меѓу првите кога некој пребарува за нешто на интернет. SEO едноставно значи да се прилагоди веб страната за да се обезбеди полесна достапност од страна на пребарувачите кои врз база на нивниот алгоритам ќе одлучат на кое место да ја покажат вашата веб страна (на пример, 1-во или 50-то место).

Накратко кога ќе се запрашаме што е SEO би можеле да го кажеме следново:

  • SEO претставува процес на подобрување. Значи наместо користење на процес на измама користиме процес на подобрување на веб страната како полесно би била пронајдена од страна на пребарувачите.
  • Освен со број на посети SEO се занимава и со квалитетот на тие посетители. Ова е многу значаен елемент особено за еден претприемач и неговиот бизнис. Може да имаш огромен број на посети, но едноставно тие доаѓаат и си одат. Нема конверзија, нема враќање, процесот завршува тука.
  • SEO се однесува на органскиот сообраќај од пребарувачите. Тоа значи на оној дел за кој не се плаќа. Кога станува збор за Google постојат две подрачја од екранот со резултати кои се неоргански (платени реклами) додека останатиот најголем дел се однесува на оние бесплатни резултати кои се добиваат со помош на SEO. Како што е прикажано на сликата десниот дел (до 8 места има дозволен простор) се однесува на приказ на резултати на оние кои му плаќаат на Google (Google Adwords) за да се појават тука. Постои уште едно подрачје кое се наоѓа веднаш над органскиот дел каде исто така се прикажуваат резултати од платен маркетинг, а не SEO.
    Пребарување на Google

Три основни столбови на SEO процес

Секој SEO процес се базира на три основни столбови:

1. Анализа на клучни зборови.

Овој столб има за цел да ги дефинирате клучните зборови за кои сакате Вашата веб страна да биде високо рангирана. Затоа спроведувате анализа преку која ќе дознаете што е тоа што се бара од страна на луѓето кога пребаруваат на интернетот (кој збор го впишуваат во полето за пребарување).

Во овој столб на еден SEO процес ќе треба:

  • Да ги определите 5-6 збора поврзани со твојата веб страна или бизнис!
  • Да ги пронајдете најдобро рангираните веб страни за тие зборови.
  • Со помош на алатки како Google Keyword Suggestion Tool да пронајдете дополнителни зборови кои може да имаат влијание.
  • Да погледнете во аналитиката на Вашата веб страна за да видите кои се фрази го носат сообраќај.
  • Да ги класифицирате, селектирате и планирате користењето на тие зборови во натамошниот SEO процес.

2. Фактори за оптимизација на самата веб страна

Овие фактори  се сите фактори и елементи на кои што вие имате директно влијание и се наоѓаат на Вашата веб страна. Нив слободно можете да ги менувате, едитирате или организирате, а во исто време имаат влијание на појава на вашата веб страна на резултатите на пребарувачите.

Главните фактори што спаѓаат во оваа столб на еден процес на SEO се следниве:

  • Насловна страна (Title Tag) – она што се појавува на врвот на интернет пребарувачот кога посетуваме една веб страна.

Наслов на една страна

  • Клучни зборови и опис се елементите кои Вие ги наведувате на секоја веб страна, а кои за разлика од насловот не се директно видливи за посетителот на веб страната, но се користат од страна на пребарувачите за да ја најдат и да препознаат за што се однесува Вашата веб страна.

Насловни тагови

  • Поднаслови (h1, h2, h3 … Tags). Важноста во определување на релевантноста на Вашата веб страна во однос на некој збор кој се пребарува за да се појави на резултатите на пребарувачот се движи од 1 нагоре. Ова значи дека поднасловот означен како h1 е поважен од поднасловот означен како h2 и h2 e поважен од h3 итн.

Користење на тагови

  • Густина на клучните зборови кои се користат во содржината. Густина на зборови претставува зачестеност на појава на еден збор во содржината на веб страната. На пример ако имаме текст кој содржи 100 збора и нашиот клучен збор се повторува 2 пати тоа значи дека густината ќе биде 2% (2/100). Не значи дека ако ја зголемите густината дека ќе имате подобро рангирање.
  • Слики. Пребарувачот гледа дека има некоја слика но, не знае што е на таа слика. Но има начин на кој што пребарувачот ќе може да знае и да ја прочита текстуалната замена на сликата. Тоа се т.н. alt tags. Така да доколку во кодот за сликата имате alt tags Вашата слика ќе има и текстуално значење во очите на пребарувачите.

Ова се основните, но не и единствените фактори кои спаѓаат во овој столб на еден SEO процес.

3.  Off Page SEO фактори

Основата на овој столб е да имате повеќе влезни линкови со подобар квалитет за да имате подобро рангирање на страната со резултати на пребарувачите.

Ова значи додека првиот столб се концентрираше на релевантноста на Вашата содржина во однос на клучните зборови од првиот столб, третиот столб се концентрира на репутацијата на Вашат веб страна во однос на тие клучни зборови. На релевантноста имате директно влијание, но на репутацијата имате многу помало влијание лично вие.

Следниве фактори влијаат на овој процес:

  • Линкови од страни со висок авторитет. Ова се линкови од веб страни со висок авторитет во очите на пребарувачите. Ова се веб страни кои имаат висок Page Rank. Линкови кои доаѓат од веб страни со поголем PR кој се движи од 0 до 10 ќе биде повреден за рангирањето на Вашата веб страна.
  • Anchor Text. Anchor Text претставува текст на кој е поставен хиперлинк. На пример, страна А поставува линк до Вашата страна а текстот е Кликни тука или Име на ваш бизнис или пак Ваш клучен збор. Овој текст треба да биде прилагоден согласно Вашиот клучен збор.
  • Линкови кон специфична веб страна. Вие не можете за 100 зборови една веб страна да ја оптимизирате за пребарувачите. Затоа, и се очекува да имате повеќе веб страни оптимизирани за различни зборови.

Гостински пост на М-р. Драган Шутевски – http://www.pretpriemac.com/

21/05/2010

Стартува веб дизајн предизвикот на IT.com.mk и МкХост

Назначен како дел од: МКхост,Новости — Иван Петрушевски @ 20:56
Стартува веб дизајн предизвикот на IT.com.mk и Мк Хост

Дали мислите дека сте добар веб дизајнер? Имате вештини? Тогаш покажете го вашето дело и дозволете другите да ве оценат! Со цел да ги промовира дизајнерите од Македонија, IT.com.mk во соработка со Mk Host стартува натпреварување за најдобар и најинтересен веб дизајн.

Победникот ќе ја добие книгата Smashing Book + 1 година 5.000 MB хостинг од Мк Хост + IT.com.mk маица.
Второто место ќе добие IT.com.mk маица + .mk домен + 500 МБ хостинг.
Третото место ќе добие IT.com.mk + Мк Хост маица.

Првата фаза од натпреварот е постирањето на вашиот веб дизајн. Moже да биде веќе постоечка веб сајт или скица на веб сајт. Скицата треба да има барем уште една две страни покрај почетната. Скицата треба да биде реална и практична, да не е сф дизајн. Добро е со скицата да има и кратко објаснување за функционалност на веб сајтот. Секој дизајнер може да прати само една дело, односно слики од делото,  по можност линк или кратко објаснување за функционалноста на скиците.

Вашите дела можете да ги постирате во следнава тема на форумот. Рокот за постирање е до 15 јуни.

Потоа од 15 до 30 јуни следи гласањето. Најдобриот веб дизајн ќе биде одберен според гласови од членовите на форумот и според жирито  (жирито е составено од администрацијата на IT.com.mk).

При оценувањето ќе се гледа оригиналноста, естетиката како и практичноста на сајтот. Сајтот мора да има интеракција со друштвените мрежи.

По гласањето ќе следи и прогласувањето на најдобриот дизајн.

Постари Постови »
Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes