29/07/2010

Опасни E-mail пораки

Назначен како дел од: Технологија — Тагови: , , , , , — Иван Петрушевски @ 08:00
Серијал на претприемач и МКХост

Серијал на претприемач и МКХост

Денес ќе продолжиме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена во деловниот свет.

E-mail пораките претставуваат едно од главните средства за комуникација во денешно време. Секој ден примаме и праќаме различни е-mail пораки. Некои се очекувани, некои потребни, некои информативни, додека некои се несакани, непотребни, вознемирувачки и опасни. Целта на овој пост е да навлеземе малку во оние опасните преку споделување на некое техничко и практично наше знаење.

Практичен пример

Пред некој ден добив на e-mail порака од Amazon. Од Amazon добивам често пораки во кои ме известуваат за промоции и нови книги поврзани со моето претходно однесување при купување на нивната веб страна. Повеќе за Amazon како еден бизнис модел можете да прочитате во Што можеме да научиме од Amazon за бизнис. И оваа порака не изгледаше нешто поразлична од оние постојаните, но се однесуваше на потврдена нарачка на книги.

Но, пред едно месец дена една од e-mail пораките од Amazon беше како да се осигурам дека она што го добивам е навистина од Amazon. Не бев мрзлив и едноставно ги прочитав сите препораки и потребни проверки што ги наведува Amazon при добивање на сомнителен e-mail насловен како нивен e-mail. Па така имав некое основно знаење што да проверам пред да кликнам на линковите во пораката.

На сликите подолу се дадени две пораки. Една вистинска (првата) и една лажна порака (втората).

Вистинска E-mail порака од Amazon

Вистинска E-mail порака од Amazon

Лажна E-mail порака од Amazon

Лажна E-mail порака од Amazon

Може да се забележи дека разликата е што во вистинската порака е содржана адресата додека во лажната ја нема адресата. Но, тоа се детали кои често може и да не ги забележиме. Така да во првичното добивање на пораката воопшто не ни забележав разлика дека недостасува адреса. Но, она што го забележав беше дека нарачката гласеше на друго име.

Затоа веднаш отворив и други e-mail пораки од Amazon за потврда на нарачка и детално ги разгледав хиперлинковите за тоа на кој линк водат. Сите од вистинските e-mail пораки водеа до URL кое го содржеше основниот домен на компанијата (amazon.com).

Во лажната e-mail порака хиперлинковите беа сосема поинакви. Водеа до URL до некој .ru домен со додатоци на некои бројки. Затоа, воопшто не кликнав на тие хиперлинкови и веднаш реагирав со тоа што го известив Amazon за она што се случило.

Како функционира измамата?

Најглавно во целата измама е тоа што напаѓачите ги лоцираат и собираат вашите информации (име, презиме, адреса, кредитна картичка, paypal account и други слични податоци кои на вас ви се многу битни и несмее друг да ги поседува). Денес знаеме дека информацијата го врти светот, па така овие информации во рацете на напаѓачите може многу скапо да ве чинат. Ако го кликнете линкот од лажната емаил адреса и ги внесете вашите податоци, пример кредитна картичка, напаѓачот ќе може да ја искористи и вашите средства на неа едноставно да исчезнат.

  • Собирање на цела база на емаил адреси. Прво напаѓачите собираат што е можно повеќе емаил адреси. Овие емаил адреси ги собираат со помош на web spiders (пребаруваат по веб страните и кога ќе налетаат на @ знакчето ја собираат емаил адресата и ја ставаат во одредена база). Има различни софтвери за тоа на кои може дури и да им се стави филтер како да ги собираат. Процесот е спор но вреден за понатаму. Затоа одредени веб страни кај своите контакт информации не го ставаат @ знакчето, туку го пишуваат емаилот со [at] или пак ставаат празни места и слично за да избегнат собирање на нивната емаил адреса. Постојат и многу други начини како напаѓачите ги собираат емаил адресите, меѓу кои и купување на цели мејлинг листи со илјадници емаил адреси кои веќе некој друг ги нашол и ги продава, или пак напаѓаат на одредени веб страни со големи бази на податоци и ги собираат емаил адресите. Значи вашата емаил адреса може да ја пронајдат ако ја оставите било каде на Интернет, дури и на вашиот пријател да пратите емаил, ако нему му го хакираат емаил акаунтот, хакерите ќе проверат со кој тој комуницирал и тие емаил адреси ќе ги стават во базата. Значи не постои 100% метод да ја заштите вашата емаил адреса од ваквиот тип на напаѓачи, но затоа е овој пост да ве поучиме и целата ситуација да ви биде појасна, како би ги приметувале лажните емаил пораки.
  • Креирање на т.н. scam page email. Под овој термин подразбираме креирање на идентичен емаил кој ќе изгледа исто или слично на оригиналниот емаил што компанијата/веб страната би ви го испратила. Ќе го земеме конкретниот пример со email scam page-от на Amazon. Како што може да забележите емаилот е дури ист и ретко се распознаваат разликите. Напаѓачите веќе знаат како изгледа оригиналниот емаил и врз основа на тоа креираат ист таков за да кога ќе го добиете, биде целосно убедлив дека навистина Amazon бара нешто од вас. Емаилот го содржи логото, истите начини на поздрав, започнување и завршување на емаилот, исти бои, препознатливи знаци и слично. Овие емаил пораки се испраќаат во html формат па лесно може да се копираат и креираат слични на нив. Дури постојат и професионални измамници кои ги креираат и програмираат овие емаил пораки а потоа ги продаваат на спамерите кои ги испраќаат.
  • Испраќање на емаил пораката до сите емаил адреси од базата што ја креирал напаѓачот. Ова е најбитниот чекор за спамерите, односно напаѓачите. За нив најбитно е да го испратат лажниот емаил до што е можно повеќе емаил адреси. Во денешно време постојат многу организации кои се против спамерите и во повеќе држави има закони за спам со што доколку ве приметат дека спамирате може да добиете и казна затвор. Овој вид на криминал е доста казнуван во некои држави. И во Македонија постои закон против праќање на непожелни електронски емаил пораки познати како спам. Напаѓачите не често се користат со свои сервери, провајдери, веб хостинг или сопствен интернет за да ги испратат илјадниците пораки, напротив тие наоѓаат и хакираат други машини преку кои потоа ги испраќаат пораките за да не бидат фатени, а исто така за да бидат сигурни дека емаил пораката ќе биде успешно пратена затоа што системот не е во black листа кај организациите за спам. Дури потоа доколку некој се пожали, ип адресата од серверот каде се испраќани овие емаил пораки се додава во black list. Со помош на овие организации денес добиваме помалку вакви несакани емаил пораки. Важна работа кај напаѓачите е да испратат што е можно повеќе емаил пораки за брзо време, затоа што може да им го суспендираат серверот од каде што ги праќаат пораките или пак да го суспендираат серверот каде ги насочуваат оние кои кликнале на линкот за имама од емаилот. Затоа тие често се користат со повеќе сервери за праќање на емаил пораки, како и користат повеќе линкови кон други сервери каде што ќе бидете пренасочени. Ако добиете ваква емаил порака добро е веднаш да ја пријавите за да може надлежните провајдери да го откријат напаѓачот и да ги суспендираат сервисите од каде праќаат.
  • Phishing. Овој чекор е најинтересен и возбудлив за напаѓачите. Познат е како phishing – напаѓачот очекува да се фатат што е можно повеќе „риби“ на неговата мрежа. „Рибите“ се луѓето кои ќе се измамат, оние кои ќе кликнат на лажните линкови во лажниот емаил и ќе ги остават своите информации на линкот кој не е верифициран од страна на компанијата од каде навистина треба да е испратен емаилот. Ќе го земеме конкретниот пример со Amazon scam емаилот. Доколку кликнете на вториот лажен емаил, ќе може да увидите дека линковите не се од самиот домен на amazon.com , туку некои други со .ru наставка и кои имаат слично име на Amazon, пример: amaz0n , am-azon, со што лесно ќе ве натераат да помислите дека се е во ред и ќе продолжите понатаму. Интересно е што кога ќе отидете на лажните веб страни, тие ќе изгледаат исто така идентични со оригиналите и лесно ќе се излажете и ќе ги оставите податоците. Дури нема ни да приметите дека сте ги оставиле податоците на лажен веб сајт. Кога ќе се логирате, лажниот веб сајт ќе ве препрати до оригиналниот веб сајт каде што автоматски ќе ве логира или ќе треба пак да се логирате. Ќе помислите дека ви снемало интернет конекција или нешто се ресетирало и ви бара повторно логирање. Тогаш ќе се логирате и на оригиналниот сајт незабележително дека информациите за логирање сте ги оставиле и на друг сајт претходно. Но сето тоа ќе ви изгледа нормално и незабележително. Затоа секогаш проверувајте ги линковите во емаил пораките затоа што еден клик и потоа ќе се каете за него.
  • Вашите информации ги има некој друг. Ова е веќе неповратен чекор доколку напаѓачот добро ве измамил и сте ги оставиле информациите. Тој сега е моќен и поседува дел од вашите информации кои може да ги продаде и да заработи пари или едноставно да ги злоупотреби. Ако имате оставено кредитна карктичка може многу лесно да ја злоупотреби на интернет за негови цели. Доколку веќе ви се случила ваков тип на измама треба веднаш да реагирате. Контактирајте со провајдерот односно веб страната или компанијата со која соработувате, известете ги дека сте биле измамени и побарајте промена на лозинка, емаил адреса и слично. Ако сте ја оставиле и кредитната картичка, веднаш јавете се во вашата банка и кажете им дека можеби и некој друг ги има информациите од неа, па банката ќе ја стопира сметката и ќе ви го смени бројот од картичката. Колку побрзо реагирате во вакви случаи, толку е подобро за да ги заштитите вашите приватни информации.

Цели на напаѓачот

Напаѓачите целат кон конкретни емаил адреси кои можеби се во некаква врска со веб сајтот со кои планираат да измамат. Во нашиот конкретен пример со Amazon, тие целат кон емаил адреси кои се регистрирани на Amazon и ги користат нивните услуги. Не постои 100% сигурен начин дека сите емаил адреси кон кои испраќаат напаѓачите ќе бидат корисници на Amazon. Напротив, тие испраќаат на што е можно поголем број на емаил адреси и со тоа се зголемува процентот дека некои од нив ги користат услугите на Amazon. Останатите што ќе ја добијат пораката која мами, едноставно ќе ја избришат затоа што знаат дека никогаш не ги користеле услугите на Amazon. Но оние кои навистина ги користат услугите, ќе се размислат и ако не се доволно информирани ќе се фатат на јадицата на измамниците. Затоа напаѓачите користат одредени техники за филтрирање и наоѓање на конкретни емаил адреси, но како што веќе нагласив тоа е многу тешко да се филтрира. Најсигурен начин е доколку навлезат во базата на податоци на веб сајтот и ги извлечат емаил адресите на самите корисници.

Целта се само емаил адресите и тоа илјадници па некогаш и милиони. Колку поголем процент од нив ја користат услугата на целниот веб сајт за кои ќе мамат, толку ќе имаат поголема ефикасност во измамата. Затоа ако добиете чуден емаил за услуга од некоја веб страна за која незнаете, едноставно пријавете го како Spam или избришете го. На тој начин ќе помогнете другите да не бидат измамени. Ако одреден емаил провајдер примети дека добива емаил пораки за кои повеќе корисници го маркирале како спам порака, тогаш и провајдерот ќе го маркира како спам и нема да го доставува во главниот фолдер на неговите корисници, туку ќе го препраќа директно во спам.

Вообичаени измами

  • Измама која досега ја објаснувавме преку емаил кој што ќе ве убеди дека тоа е емаил на компанијата со која соработувате и дека бараат нешто од вас, да се логирате, да промените информации и слично.
  • Измама со емаил порака каде ви нудат милион долари или голема сума на пари, или едноставно дека сте добитници на лото и слично. За секого на прв поглед ова ќе звучи примамливо и ќе ви се покачи адреналинот, но колку тоа е вистинито? Од кога постои лото кое функционира врз основа на извлекување на емаил адреси? Дали сте играле за тоа, како е можно да ве одберат ако не сте играле? Ова е само неколку логични прашања што треба да си ги поставите пред да продолжите понатаму.
  • Измама во која ви бараат сметка за да префрлат одредна сума на пари. Исто како претходниот пример, ова е лажно и не треба да верувате.

Како да се заштитите

  • Внимавајте кога добивате e-mail пораки од непознати. Не кликнувајте на линковите во нив дури и да ви нудат 1.000.000 долари.
  • Секаде каде што имате оставено информација за кредитни картички или пак други лични информации, побарајте упатство за разлика помеѓу нивни и лажни е-mail пораки. Поголемите компании (како во овој случај Amazon) даваат детални информации како да ја забележите разликата.
  • Доколку сервисот кој мислите дека е пробиен нуди опција да ги известите за да превземат истражни мерки секогаш пријавете го сомнителниот e-mail. Така ќе помогнете на истражните органи во борба против еден ваков криминал.
  • Не верувајте на непознати лица/емаил адреси со кои досега не сте имале контакт преку емаил или било каков друг контакт.
  • Штитете си ја вашата приватност. Не кликнувајте на линковите во емаилот доколку не сте 100% сигурни дека тоа е правилниот емаил испратен од вашата компанија-соработник. Може да поминете со глувчето низ линкот и да проверите за каков линк се работи, немора веднаш да кликнувате.
  • Ако треба да се логирате на веб сајтот, наместо да кликате на линковите во емаил пораката, напишете ја веб страната во вашиот пребарувач со тастатура, не кликајте на линковите со маусот.
  • Проверете дали веб страната каде се логирате има напред https:// и дали е валиден SSL сертификатот. Тој служи за енкрипција на податоците при логирање. Измамникот многу ретко да користи https протокол на неговиот сајт за измама.
  • Користете антивирусни и анти спам софтвери кои ќе ја зголемат вашата безбедност на податоците и ќе ве известат за можност за измама.
  • Проверете дали емаил пораката е испратена од вистинската емаил адреса / вистинскиот емаил сервер. Измамникот лесно може да испрати емаил со кој ќе ја препокрие вистинската адреса и серверот од каде се испраќа. За да го проверите ова, најдете ја опцијата кај вашиот емаил провајдер/клиент што ви овозможува преглед на сите детали за испраќачот на пораката (View ALL HEADERS – наместо View Normal Headers).
  • Ако приметите дека веќе сте измамени, веднаш реагирајте и променете ги лозинките и пријавете ја измамата.
Сподели:
  • Facebook
  • Twitter
  • LinkedIn
  • MySpace
  • Print
  • PDF
  • Google Bookmarks
  • Add to favorites

19/07/2010

Домен име за Ваш бизнис – Совети за избор

Назначен како дел од: Домени — Тагови: , , — Иван Петрушевски @ 09:00
Серијал на претприемач и МКХост

Серијал на претприемач и МКХост

Ќе продолжиме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена во деловниот свет. Денес ќе продолжиме со домен име, елемент кој навистина претставува еден од најзначајните пред започнување со интернет презентација на Вашиот бизнис и можеби најконтроверзно во поглед на она што е исправно или подобро.

Домен името најчесто е изговарано кај нас како domain name, домен, домејн. Името на веб страната е претставено како домен име. Секоја веб страна има свој назив/име. Нашата веб страна е препознатлива со името: mkhost.com.mk. Така да секој што сака да не најде на интернет ќе ја внесе адресата во пребарувачот и ќе се прикаже веб страната. Многумина незнаат што всушност е домен име, а што веб хостинг, па за тие кои сеуште имаат дилеми може да проверат на следниот линк: разлика помеѓу веб хостинг и домен.

Вие како претприемач треба да го претставите вашиот бизнис и на интернет. Така да, доколку сеуште немате отворено интернет презентација сега е време за тоа. Со овој напис ќе ви помогнеме да се одлучите за домен името – како правилно да го изберете, да проверите дали е слободно и да започнете со презентацијата.

Регистрација на домен име е првиот чекор при стартување на вашата интернет презентација. Тоа го претставува идентитетот на вашиот бизнис на веб просторот, преку кој корисниците и веб пребарувачите ве препознаваат.

Избор на наставка (tld)

Доменот се состои од два дела, едниот е името, а вториот одделен со точка (.) е наставката позната како tld (top-level domain). Најдобро да дадеме пример: google.com , името е: google, а tld наставката е: com.

Постојат повеќе наставки распределени по одредена логика, а највеќе според географската локација (веб страна наменета на одреден регион, држава…) и врз основа на тоа за каква организација се работи (пр. училиште, владина институција, непрофитна организација, компанија, … ).

Генерални наставки

  • com – комерцијални организации, но не е стриктно
  • net – за мрежни инфраструктури, но не е стриктно
  • org – организации, но не е стриктно
  • info – информативни сајтови, исто така не е стриктно
  • biz – за бизнис сајтови
  • name – за персонална употреба на едно лице или фамилијарно
  • gov – за државни институции
  • mobi – за мобилни уреди
  • travel – за туризам, туристички агенции, хотели и сл.

Како што може да забележите до краткото објаснување на наставките за кои потреби највеќе се користат, стои и дека денес тоа не е стриктно. Може да регистрирате и .org домен иако сте профитна компанија, така да не постојат рестрикции за повеќето од домените, но како што велат самите наставки, пожелно е да ја одберете соодветната наставка.

Географски наставки

Овие наставки се одредени според имињата на државите во Светот. Еве неколку:

  • mk – Македонија
  • rs – Србија
  • de – Германија
  • bg – Бугарија
  • gr – Грција
  • al – Албанија
  • si – Словенија
  • uk – Велика Британија

Според некое правило кое што не е стриктно, една компанија од некоја држава треба да се претстави на интернет со нејзината наставка. Така на пример ако вашата компанија е регистрирана во Македонија, наставката за вашето домен име треба да биде со .mk . Сепак ова не е стриктно. Доколку некогаш би го ширеле бизнисот во друга држава, и сакате вашето бренд име да биде познатливо и таму, како и на интернет просторот тогаш пожелно е да го регистрирате вашето име и со наставката која одговара на државата каде го ширите бизнисот или едноставно отварате филијала.

Македонскиот регистрар на .mk наставката овозможува и регистрација на поддомени со оваа наставка како: com.mk , net.mk , org.mk , edu.mk , gov.mk , name.mk и покрај главната .mk наставка која е карактеристична за нашиот регион.

Ние се имаме одлучено за mkhost.com.mk. Доколку ги следиме правилата, гледаме дека МКхост компанијата е од Македонија поради .mk наставката, а com наставката ни укажува дека е комерцијална организација. Сепак како што претходно нагласивме, ова немора да биде точно и така да ги класифицирате имињата на домените.

Должина на доменот и дозволени карактери

Должината варира, кај одредени наставки е лимитирана на минимум 2 карактера, додека кај други е возможно да се регистрира домен име и со еден карактер. Кај нас во Македонија може да се регистрираат домени со една буква/бројка, како на пример: 0.mk (веб сајтот постои и служи за кратење на линкови). Максималниот број на карактери за името без наставката може да биде до 63 карактера. Додека пак целосното име неможе да пречекори над 253 карактера (заедно со името, наставките, точките како сепаратор). Но во пракса одредени регистри имаат лимити кои не секогаш се исти.

Домените со кратки имиња од една, две, три карактера се речиси 100% веќе зафатени и регистрирани од некого, но доколку имате среќа може да најдете некој истечен домен, овозможен повторно за регистрација.

Во името дозволено е да се користат само латиничните букви, бројките од 0-9, како и карактерот „-“. Може да користите мали, големи букви или комбинации од мали и големи букви, во секој случај ќе го добиете истиот домен. Не е дозволено користење на празни места.

  • Помала должина на името – подобро памтење. Обидете се да најдете име кое што ќе има прикладна должина. Не претерувајте во должината. Секако дека со сегашните социјални мрежи и веб пребарувачите, должината не би била толку битна, но што кога ќе бидете во друштво и сакате да му го пренесете усно името на веб сајтот на вашиот другар? Дали е полесно да се запамти името: pretpriemac.com или stanete-uspesen-pretpriemac-besplatni-soveti.com ? Во првиот пример, името се состои само од еден збор, додека во вториот има повеќе зборови, па вие можеби ќе ги запаметите зборчињата, но дали ќе го погодите нивниот распоред?
  • Дали брендот да биде основа? Сега следуваат малку контрадикторности. Ако вашата компанија е позната според одредено бренд име, тогаш не се двоумете, изберете го бренд името како име на доменот. Доколку луѓето ве бараат на интернет а не го знаат вашиот сајт, прво што ќе го напишат е вашето бренд име. Што би се случило ако барате компанија пишувајќи го нејзиниот бренд, а интернет пребарувачот ви излиста име на домен кој не го содржи името на самиот бренд, а всушност тоа е сајтот што клиентот го бара. Дали тој едноставно ќе го игнорира мислеќи дека тоа не сте вие и ќе се откаже од пребарувањето? Но, доколку сте локален бизнис, кој локално има добро препознатлив бренд, но глобално нормално никој не го препознава ќе треба да користите поинаква стратегија. На пример, кога се спремав за службен пат во Брисел, требаше да резервирам хотел. Хотелот требаше да биде блиску до институцијата каде имав состаноци. Тогаш јас тргнав со пребарување на хотели во Брисел. Не знаев кои брендови постојат (иако веројатно сите поголеми се присутни), но со помош на Google, зборот „хотели во Брисел“ и локација (улица на институцијата каде имав состаноци) избрав еден хотел кој беше на 5 минути од моите службени активности.
  • Што е со клучен збор од вашата индустрија? Ќе продолжиме со уште контрадикторности. Земете ја за пример најголемата интернет продавница – Amazon.com . Дали во името гледате дека се содржи зборчето продавница? -Не, но името е интересно и веќе познато помеѓу луѓето и секој кој што ја посетил знае дека е интернет продавница. Ќе дадеме и пример со хотел, вие сте претриемач на одреден хотел, зошто би морало во името да се состои и зборчето хотел? Дали е подобро да го наведете само името на хотелот, а потоа самиот посетител да открие дека се работи за хотел? Со ова се намалува должината на доменот, посетителите полесно ќе го памтат истиот и ќе го стекнувате брендот на интернет. Но, ова е одлична стратегија за бренд како Hilton, но што со некое помало хотелче од Водно кое нуди дури и поперсонализирани услуги за деловни луѓе? Што ако не сакам да паметам? Се одвикнав од чување на информации во мозокот, бидејќи технологијата ми го овозможи сето тоа. Сетете се на неколку интернет страни кои имаат оригинални имиња, кои ви оставиле впечаток и кои немаат никаква конекција со нивната индустрија и област. Еве ви потсетник: google.com – знам дека е мој секојдневен пребарувач, немора да биде search-engine-google.com . Уште еден пример: yahoo.com – нема никаква конекција со емаил сервис или веб портал/емаил портал, но знам дека таму си ја проверувам мојата пошта. Но, едно нешто треба да се знае, Google, Yahoo и Amazon почнаа со работа уште минатиот век кога и не никнуваа милиони нови веб страни на дневна основа. Тие беа во бизнисот кога во Македонија сеуште почнувавме со dial-up конекција. Тие го изградија сопствениот бренд и сопствената бизнис империја. Правилата од пред 10 години се изменија. Затоа добро размислете во однос на брендот и клучниот збор во домен името. Сепак и двете стратегии се добри, но подобра е онаа што ќе биде усогласена со Вашата бизнис стратегија, односно што сакате да постигнете и кого да допрете со Вашата интернет презентација.
  • Купете повеќе наставки, но одлучете се една да биде главна. Доколку имате можност, земете повеќе наставки за истото име. Зошто? Одговорот е едноставен, што ако некој во иднина ви ја закупи другата наставка и ви врши конкуренција или антиреклама или едноставно ги буни вашите посетители? Пример се одлучивте за домен името: primer.com . Ја започнавте вашата интернет презентација и после неколку години приметувате дека некој отворил нова веб страна со истото име но друга наставка: primer.net . Новата веб страна што ја стартувале немора да биде од истата индустрција или да содржи слична содржина, но зошто вашите посетители да се бунат, дали беше .com или .net ? Купете ги и двете наставки и може да ги избегнете овие непријатни ситуации како и за вас, така и за вашите посетители. Поради ова, нашиот регистрар во Македонија воведе едно правило кое ви помага да немора да го правите ова. Имено, ако регистрирате домен име: primer.mk , неможе друг да го регистрира истото име но со друга наставка: primer.com.mk без ваше одобрение. Сепак ова правило не важи за интернационалните наставки и затоа доколку сте во можност закупете повеќе наставки со истото име. Со Македонските наставки немора да го правите ова се додека важи правилото на нашиот регистрар.
  • Направете истражување пред да ја извршите одлуката. Дали можеби под истото име, има веќе регистрирано други наставки кои се познати веб страни или други веб страни кои се во истата индустрија? Извршете пребарување и најдете соодветно име за кое нема многу регистрирано наставки. Ако вашето име е: novbiznis, тогаш направете едно претражување дали постојат наставките: novbiznis.com , novbiznis.net , novbiznis.org , novbiznis.mk , novbiznis.com.mk и слично. Доколку сите или повеќето се слободни, тогаш тоа е добар знак да продолжите со регистрацијата и да ја одберете главната наставка. За да претражите дали одредени наставки за одредено име се слободни или веќе регистрирани следете го линкот на МКхост пребарувачот на домени.
  • Изберете компанија која е позната и има репутација во регистрација на домени. МКхост веќе петта година е во хостинг бизнисот и има извршено регистрација на домени за илјадници клиенти. Ние го цениме бизнисот и работата на нашите клиенти и нема да дозволиме никогаш да бидат разочарани и да го изгубат своето домен име регистрирано преку нас. Прочитајте како до регистрација на mk домен преку МКхост. Внимавајте постојат повеќе Македонски „компании“ кои може да ви го регистрираат доменот, но потоа едноставно да исчезнат, да не ви дозволат да го трансферирате до друг регистрар, да неможете да промените контакт информации, или да промените ДНС сервери, како и префрлање на сопственост на име на друга компанија доколку се работи за .mk домени. МКхост може да ви додели правен документ откако ќе го регистрирате доменот преку нас со што ќе бидете 100% сигурни дека тоа е ваше име и неможе никој друг да ви го земе, секако доколку го обновувате навреме и не дозволувате да истече. Ние исто така имаме свој веб интерфејс каде може да вршите контрола на вашиот домен.
  • Проверете дали вашето избрано име за доменот, не е некој познат бренд или трговска марка. Проверката може да ја извршите едноставно со неколку пребарувања на интернет. Добар резултат би бил доколку вашето име е уникатно и не постои друг бренд со истото име затоа што може да имате проблеми во иднина, како и забуна кај вашите посетители.
  • Обновувајте го доменот на време или закупете го за повеќе години. Од искуство и работа со клиенти кои регистрираат домени преку МКхост имаме забележано дека забораваат да направат обнова на доменот или да извршат промена во информациите за контакт доколку истите ги промениле. Секако дека постојат потсетници кои ве известуваат дека вашиот домен ќе истече за одреден период, но тие потсетници се испраќаат на емаилот кој сте го доставиле како контакт емаил при регистрација на доменот. Ако вие го имате променето вашиот емаил или веќе не го користите истиот, што ќе се случи ако сте заборавиле кога ви истекува доменот што сте го регистрирале, а потсетниците испраќаат известување на емаилот што не го користите веќе? Затоа контакт информациите за вашиот домен секогаш ажурирајте ги доколку има промени за да не дојде до несакана последица – истек на доменот и неможност на враќање назад за подолг период. Како една предност за пребарувачите претставува и домен регистриран на подолг рок. На пример, доменот закупен на 5 години има поголем авторитет отколку оној закупен на една година.
  • Кога ќе се одлучите за еден домен не го менувајте. Повторно совет кој доаѓа од пребарувачите. Ова е уште еден фактор кој се следи од страна на пребарувачите и влијае на авторитетот на Вашата веб страна. Колку е постар доменот толку поголем авторитет ќе имате.

Ова се само неколку совети од нас, кои немора да ги прифатите, но секако добро е да ги прочитате и да размислите. Можеби некои од нив ќе ви бидат добредојдени и ќе ви послужат при изборот.

Секако, последен, но не и нај не битен совет од нас е да направите и интерна консултација и/или анкета со членовите на вашата организација, па заедно да одлучите.

Сподели:
  • Facebook
  • Twitter
  • LinkedIn
  • MySpace
  • Print
  • PDF
  • Google Bookmarks
  • Add to favorites

16/07/2010

Технологија – Прифати ја, Не бегај!

Назначен како дел од: Маркетинг,Новости — Тагови: , , — Иван Петрушевски @ 11:00
Серијал на МКХост и Претприемач

Серијал на МКХост и Претприемач

Продолжуваме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена.

Бегство до технологија! Сеуште е реалност кај нас. Дали може еден претприемач да опстојува без неа? Може, но кратко. Тоа би бил мојот одговор. Сепак технологијата е нешто што има постојано и најсилно влијание на секаков тип на бизнис. Таа е и дел од PEST и во тој пост накратко го наведов следново:

Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои еден бизнис го трансформира влезот во излезот. Тука најважен фактор е иновацијата или развој на нови процеси, производи или услуги. Стапката на влијание на технологијата како екстерно опкружување врз бизнисот варира од индустрија до индустрија. На пример, влијанието на технологијата на информациската индустрија е многу поголемо во однос на влијанието на било која друга индустриска гранка.

Но, да тргнеме од почеток.

Дефинирање на технологија

Тргнувајќи од самото потекло на зборот технологија кој е составен од два грчки збора:

  • Техно (τέχνη) што значи вештина, умешност, занает… и
  • Логија (λογία) што значи учење, знаење на нешто.

Значи технологијата е резултат на примена на знаењето за одредени вештини, занаети или умешности во креирање на одреден резултат.

Во Oxford Dictionary технологијата се дефинира како:

Научно истражување и користење на применети науки (како инженерство на пример) и примена на тоа знаење преку практични задачи во индустријата.

Може да се забележи дека она што е поврзано со технологијата претставува:

  • Знаење
  • Вештина
  • Умешност
  • Учење
  • Примена

Зборот технологија не се однесува само на технологија на производството, туку и на секаква технологија која се користи во деловниот процес на бизнисот како што се компјутерите, факсовите, телефоните, e-mail, интернетот итн. како и знаењето во однос на таа технологија.

Влијание на технологијата врз бизнисот

Постојат многу анализи и истражувања во науката за тоа какво влијание има технологијата врз бизнисот или еден организациски систем. Но, една од најкомплетните анализи е анализата на Woodward од која што знаеме какво влијание има технологијата на организациската структура :

  • Колку е покомплексна технологијата – единечно и континуирано производство – поголем е бројот на менаџерите и менаџерските нивоа
    Опфатот на менаџментот на менаџерите од првиот ред се зголемува од единечно до масовно производство, а потоа се намалува од масовно до континуирано производство.
  • Колку е поголема технолошката комплексност на фирмата толку е поголем канцеларискиот и административниот персонал.

Влијанието на компјутерите врз организацијата е доста проучувано. Daniel A. Wreen и Don Voich, JR велат: “Примена на компјутерите доведува до централизација во донесување на одлуки. Оваа централизација е овозможена со поголемата достапност на информациите. Освен тоа, компјутерите постепено ги елиминираат рутинските административни работи со што се намалува бројот на вработени во ова подрачје. Меѓутоа се шират одделенијата за обработка на податоци така да крајната последица не е драматично намалување на бројот на вработените. Бројот на потребните менаџери се зголемува со тоа што се намалува административниот кадар. Одделенијата веројатно ќе се спојуваат, а опфатот на менаџментот ќе се намалува особено на пониските нивоа”.

Но, да земеме еден понаков пример наместо истражување:

Еден од Вашите конкуренти ја следи технологијата која е во тренд. Нормално изработува веб страна преку која ја зголемува интерактивноста со потенцијалните потрошувачи. Се вклучува во последниот тренд на комуникација и соработка со потенцијалните потрошувачи преку социјалните мрежи како резултат на последните технолошки трендови. Во исто време, многу потенцијални потрошувачи се присутни на тие платформи. Вие започнувате со губење на дел од Вашите купувачи затоа што тие едноставно сакаат нови комуникациски канали при задоволување на сопствените потреби.

Какви последици едно вакво влијание може да има за Вашиот бизнис? Огромни, секако!

Дали треба да имам страв од технологија?

Технологијата е секаде околу нас. Со самото будење ни ѕвони будилник или дигитален часовник или мобилен. Тоа е технологија која ја користиме. Се возиме со автомобил, автобус или велосипед до работното место. И тоа технологија за нашето превозно средство. Вклучуваме машина, компјутер, шпорет за кафе… И тоа се технологии кои ги користиме. Комуницираме и соработуваме преку е-mail, факс, Skypе, Google Wave… И тоа е технологија која ја користиме за комуникација.

Од ова ми се чини дека доколку стравуваме од технологија стравуваме од самите себеси, стравуваме од ншите пријатели, стравуваме од нашите соработници, стравуваме од нашите потенцијални купувачи…

Дали во еден бизнис се дозволени вакви стравувања? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од технологијата? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од конкуренцијата?

Без разлика дали ние сакаме или не, технологијата оди напред, едноставно не не прашува нас. Во секој момент на глобално ниво излегува нешто ново. Нешто што може да има влијание врз нашата работа утре. Какво ќе биде тоа влијание ќе зависи од индустријата во која се наоѓа нашиот бизниси и индустријата во која припаѓа тоа ново нешто како резултат на технологијата.

Затоа прифати ја реалноста, прифати ја технологијата и едноставно не бегај. Доколку бегаш бегаш од самиот себеси, од твоите пријатели, од твоите соработници, од твоите потенцијални купувачи… Сметаме дека тоа не е Вашата и на Вашиот бизнис цел.

Сподели:
  • Facebook
  • Twitter
  • LinkedIn
  • MySpace
  • Print
  • PDF
  • Google Bookmarks
  • Add to favorites

13/07/2010

Хостинг индустрија – терминологија која се користи

Назначен како дел од: Хостинг — Тагови: , , , , — Иван Петрушевски @ 10:00
Серијал за технологија на претприемач и МКХост

Серијал за технологија на претприемач и МКХост

Ќе продолжиме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето претприемничко знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена. Претходниот пост беше за 5 елементи кои Вие како еден претприемач треба да ги разгледате пред да одлучите за избор на хостинг компанија која ќе го хостира Вашиот бизнис веб сајт. Потоа имавте можност да прочитате за Веб хостинг и видови на хостинг услуги. Сега ќе продолжиме со различната терминологија која се корсти во светот на интернетот и оваа индустрија.

Многу често се среќаваме со одредени термини во хостинг индустријата. За некого тие веќе се познати и јасно знаат што значат, но за некого тоа е нов јазик и затоа ќе дадеме кратки и едноставни објаснувања за неколку жаргони кои најчесто се користат. Секако при објаснување на одреден термин ќе наидете и на други под-термини кои можеби не ви се јасни, но слободно може да пребарувате и за нив на интернет или пак да оставите коментар и ќе се обиедеме да ви ги дообјасниме.

Еве ги термините кои што ќе ги објасниме во постот:

Терминологија - хостинг индустрија

Терминологија - хостинг индустрија

Apache

Еден од најпопуларните Web server (HTTP) програми. Тој игра значајна улога во развивањето на глобалната интернет мрежа www. Веб серверот е бесплатен и има добри перформанси, како и јаки сигурносни карактеристики. Највеќе е користен кај UNIX оперативните системи. Apache веб серверот се користи за опслужување на статични како и динамични веб страни. Според некои статистики Apache веб серверот завзема речиси 50% од опслужување на веб страните. Така да половина од веб страните што ги посетувате на интернет се застапени со овој бесплатен веб сервер.
Почеток…

IIS

Веб сервер на Microsfot за Windows/NT OS. IIS е скратенка од Internet Information Server. Овој веб сервер е втор најупотребуван после Apache со околу 30%.
Почеток…

HTML

Овој збор е кратенка од HyperText Markup Language и претставува програмски јазик за веб страните. Со помош на HTML вашиот веб пребарувач комуницира со веб серверот и на тој начин се прикажува самиот веб сајт. Постојат многу други програмски јазици, но кога веб серверот го процесира сајтот, истиот го враќа до вас преку веб пребарувачот во HTML формат.
Почеток…

HTTP

Овој збор е кратенка од HyperText Transfer Protocol и претставува протокол во апликациското ниво во системот на интернет. Тој е стандард за клиент-сервер комуникација. Како клиент може да го земеме веб пребарувачот, а како сервер, апликацијата на серверот која што е стартувана за да го хостира веб сајтот. Овие две апликации комуницираат помеѓу себе преку однапред одреден порт (стандарден http порт е 80). Клиентот испраќа одредени информации до серверот побарувајќи ја содржината од веб сајтот, додека веб сервер апликацијата која ги чува овие податоци ги испраќа до веб пребарувачот и така вие ги прегледувате интерактивните информации од сајтот (текстови, слики..).
Почеток…

FTP

Kратенка од: File Transfer Protocol кој овозможува размена на датотеки помеѓу клиентот и серверот или помеѓу два сервера. Во хостинг индустријата FTP е многу користен за прикачување на датотеки кон веб серверот. Преку FTP клиентот ги прикачува фајловите и притоа посетителите на веб сајтот имаат пристап да ги прегледуваат, превземат и слично.
Почеток…

SSH

Кратенка од: Secure Shell е мрежен протокол кој овозможува безбедна комуникација помеѓу два хост-а. Под хост подразбираме компјутер кој што е поврзан на интернет и може да комуницира со други компјутери. SSH бил дизајниран како замена за telnet, се со цел да се овозможи безбедносна комуникација помеѓу мрежите. Комуникацијата е енкриптирана и тоа е добра карактеристика и предност за голема употреба на овој протокол. Највеќе е употребуван кај Unix/Linux базираните оперативни системи.
Почеток…

IP

Кратенка од: Internet Protocol е протокол користен за комуникација и пренос на податочни пакети преку мрежа која го користи Internet Protocol системот познат како TCP/IP. Ова е главен протокол на мрежната инфраструктура на интернет-от. Со помош на протоколот се разменуваат податоци низ интернет.
Почеток…

DNS

Кратенка од: Domain Name System. Секоја веб страна на интернет е хостирана на одреден сервер. Секој сервер активен на интернет има своја адреса, т.н. IP адреса. Секој од нас има своја адреса на живеење, така за да се знае кој сервер и веб страна каде точно е лоцирана и за да не настане хаос, е воведен овој IP ( интернет протокол). DNS – от ни помага во памтење на овие адреси на серверите и веб страните на поедноставен начин – односно со преведување на IP адресата на серверот во одредено име кое е прифатливо за нас. Многу потешко е да ја запамтиме IP адресата: 74.54.191.4 во однос на http://www.vasastrana.com.mk/. Сепак зад DNS, IP и другите протоколи и системи постои цела инфраструктура и многу објаснувања.
Почеток…

Packet-Switching

Е метод кој овозможува префрлање на пакети низ интернет мрежата. Доколку треба да се испратат одредени информации од една локација до друга локација низ интернет мрежата се користи овој метод преку IP протоколот. При префрлувањето на податокот, истиот се „цепи“ на повеќе делчиња познати како пакети со иста големина и истите се испраќаат независно низ интернет мрежата. Тие патуваат низ мрежата и на крајот пристигнуваат до дестинационата локација каде се соединуваат и податокот успешно се пренесува до машината каде што требал да пристигне. Пакетите немора да патуваат по иста патека и немора да доаѓаат редоследно.
Почеток…

SQL

Кратенка од: Structured Query Language е компјутерски јазик за менаџирање на базите на податоци. SQL протоколот се користи за ажурирање на податоци на SQL серверот. Сервери кои имаат поддршка за SQL се познати како SQL сервери. Кога ни е потребна една база со податоци, тогаш ја сместуваме и ја организираме по наши потреби. Со помош на SQL може да вршиме одредени функции кон базата. Функциите се засновани на релационата алгебра. Базите на податоци се широко употребувани низ секојдневието.
Почеток…

MYSQL

Е релационен податочен систем за менаџирање на базите. MYSQL го користат софтверски проекти на кои им е потребна целосна поддршка и организација на податоците во база на податоци. Поддржува multi-user автентификација до повеќе бази, може да се инсталира на повеќе оперативни системи. Највеќе го користат софтверски апликации кои се бесплатни и им е потребна ваков тип на база која е исто бесплатна (под GNU лиценца) како на пример: WordPress, Joomla, phpBB. Исто така се користи и во организација на големи проекти како Wikipedia и Facebook. Така да ако сакате да работите и започнете со одредена база на податоци, тогаш може да го искористите овој бесплатен податочен систем за менаџирање на базите.
Почеток…

PHP

Е скриптирачки јазик кој е дизајниран како примарна цел за креирање на динамични веб страни. PHP кодот е вменат во HTML документот и интерпретиран од веб серверот, ја генерира и прикажува веб страната. PHP генерално работи на веб сервер и е скриптирачки јазик кој е прилагодлив за веб девелопмент на страна на серверот.
Почеток…

Web Hosting

За оние кои сеуште не им е јасен овој основен термин во хостинг индустријата може слободно да прочитаат повеќе на следниот линк: Веб хостинг и видови на хостинг услуги.
Почеток…

Domain Name

Или често кај нас ќе го прочитате и слушнете како домен, домејн, домаин, претставува името на вашата веб страна која се внесува во пребарувачот. Најдобро ќе наведеме со пример. Нашата компанија e МКхост, со што ние се имаме одлучено за доменот: Што e веб хостинг, а што домен?
Почеток…

LAMP

Кратенка од имиња на бесплатни програми кои најчесто се користат заедно за да се овозможи хостирање на динамични веб страни:

  • Linux – оперативниот систем
  • Apache, – веб сервер
  • MySQL, систем за менаџмент на базите на податоци или сервер за базите на податоци
  • Perl, PHP, и/или Python, скриптирачки програми.

Почеток…

RAID

Кратенка од: redundant array of inexpensive disks е технологија која овозможува поврзување на повеќе дискови така да тие функционираат заедно и овозможуваат побрза и посигурна работа и чување на податоците. Постојат повеќе видови на RAID конфигурации. Највеќе се користи за да обезбеди backup решение во случај еден од дисковите да откаже, а исто така и во брзина на пристап на податоците помеѓу поврзаните дискови, но доколку еден откаже се губат сите податоци. Сепак се користат и комбинирани видови на RAID се со цел да се добие најдобра безбедност и брзина за податоците кои се наоѓаат на дисковите. Хостинг компаниите ја користат оваа технологија кај серверите.
Почеток…

SSL

Кратенка од: Secure Sockets Layer е протокол креиран за да се справува и за да врши обезбедување на сензибилни и битни податоци како на пример број на кредитни картички, лични податоци на клиентите и сл. Највеќе се користи кај e-commerce веб страните. SSL веб адресата почнува со https. S означува secure однозно безбеден веб сајт каде комуникацијата е енкриптирана.
Почеток…

Firewall

Може да биде на ниво на софтвер или хардвер. Систем кој овозможува заштита на веб серверите. Овие заштитни ѕидови познати како firewalls штитат од хакерски напади како и недозволени пристапи кон серверите.
Почеток…

DDoS

Кратенка од: Distributed Denial of Service Attack е најчест тип на напади на мрежните сервиси. Овој вид на напад предизвикува најголеми проблеми кај хостинг индустријата и хостинг провајдерите. Нападот користи техника на искористување на легалниот трафик, односно сообраќај што провајдерот го користи за да овозможи услуга на клиентите, при што го исполнува со нелегален трафик и на тој начин врши оневозможување на нормална функција на сервисите кај хостинг серверот.
Почеток…

Cgi-bin

Ова е директориум на хостинг серверот каде се сместуваат cgi скрипти за вршење на одредена функција, како на пример праќање на емаил пораки.
Почеток…

Bandwidth

Користен термин во хостинг индустријата кој го обележува протокот на податоците, односно лимитот за проток на податоци како и трафикот кој што е пренесуван. Доколку вие закупите одреден хостинг пакет, хостинг компанијата ви го лимитира трансферот на податоци познат како bandwidth на месечно ниво и ви дава одредена цифра на пример, 20GB. Колку повеќе посетители имате на вашиот веб сајт, толку повеќе ќе биде трошен трафикот и bandwidth-от ќе биде поголем. Ова е битен фактор при избор на еден хостинг пакет. Ако вашиот веб сајт содржи една слика со големина од 1mb и доколку во текот на еден месец имате 10000 посетители, тогаш вашиот потрошен трафик за месецот ќе биде: 10000mb. Ако вие имавте хостинг пакет со месечен bandwidth од 5000mb, тогаш ќе имавте проблем затоа што посетителите ќе потрошат повеќе трафик од дозволениот лимит.
Почеток…

Webmail

Е програма која што се користи кај хостинг серверите и главна функција е прегледување на емаил пораките преку вашиот пребарувач, како и испраќање на нови емаил пораки кога ќе посакате. Предноста е во тоа што може да испраќате и примате пораки и истите да ги прегледувате преку било кој веб пребарувач на било кој компјутер поврзан на интернет.
Почеток…

POP

Кратенка од: Post Office Protocol е протокол кој се користи при комуникација на емаил серверите и негова главна цел е примање на пораките. Овој протокол го користи 110 портот.
Почеток…

SMTP

Кратенка од: Simple Mail Transfer Protocol. За разлика од POP протоколот, SMTP се користи за испраќање на емаил пораки. Овој протокол го користи 25 портот.
Почеток…

Cron Jobs

Се користат доколку треба да се повторува одредена работа повеќе пати. Тоа може да биде некоја скрипта што треба да се извршува секој ден точно во 12 часот. Со помош на cron jobs може да се задава кога сакаме да се изврши одредена работа, дали таа да се повторува и точно во кои периоди да се извршува/да се повторува.
Почеток…

cPanel

Е најупотребуван контрол панел во хостинг индустријата. Овој контрол панел овозможува подобра контрола над хостингот, подобро менаџирање, лесни функции како креирање на емаил адреси, автоматски препраќачи, автоматски одговарачи на емаил пораки, креирање на бази на податоци, сетирање на cron jobs, интегриран file manager кој овозможува работење со податоците на хостингот и многу други корисни работи. МКхост го користи овој контрол панел и клиентите се задоволни со него. Има можност и за менување на темите и изгледот на панелот.
Почеток…

Email forwarders

Или на Македонски: препраќачи на емаил пораки е доста корисна работа кога сакате еден емаил да биде препратен на повеќе други. Дали имате еден куп на емаил адреси и неможете да ги контролирате? Изберете еден главен и насочете ги сите други да ви ги препраќаат емаил пораките со помош на оваа опција која што би требало секој емаил сервис провајдер да ви ја овозможи. Така на еден емаил ќе ви бидат препраќани пораките од другите емаил сандачиња и доволно ќе е да го проверувате само главното емаил сандаче.
Почеток…

Сподели:
  • Facebook
  • Twitter
  • LinkedIn
  • MySpace
  • Print
  • PDF
  • Google Bookmarks
  • Add to favorites

06/07/2010

Победници на веб дизајн предизвикот на it.com.mk и МКхост

Назначен како дел од: МКхост,Новости — Тагови: , , , — Иван Петрушевски @ 01:50

Веб дизајн натпреварНатпреварот беше организиран од страна на МКхост и ИТ порталот:  it.com.mk . Целта беше да се понудат идеи од страна на учесниците, да се соберат што повеќе на едно место и да разменуваат свои мислења како и остварување на контакт за идни проекти и секако борба за наградите :) .

Победниците и наградите

Сепак, имаше и награди како мотивација на дизајнерите, па некој мора да ги земе. :) Tие што ќе ги добијат наградите се… (тапани)…

  • Smashing Book + 1 година 5.000 MB хостинг од Мк Хост + IT.com.mk маица оди за 0.mk заради едноставниот, функционален дизајн кој одговара со сервисот и има интеракција со друштвените мрежи.
  • IT.com.mk маица + .mk домен + 500 МБ хостинг оди за Travel2Ohrid.com.mk заради едноставноста која одговара со функционалноста. Има интеракција со друштвените мрежи.
  • IT.com.mk + Мк Хост маиците ги добива caramelo.mk кој иако се спомена готов темплејт и нема интеракција со друштвените мрежи, сепак адутот на caramelo.mk е естетиката.

Сите останати учесници можете да ги видите на форумот.

Ова беше мал организиран веб дизајн предизвик, кој е значаен за почеток на вакви натпревари во Македонија, но во иднина планираме организација на натпревар од сличен карактер со подобри награди и интересни докажувања на дизајнерите.

Повеќе може да прочитате и на it.com.mk порталот во врска со предизвикот.

Благодариме на сите што покажаа интерес и вложија трудза да учествуваат.

Сподели:
  • Facebook
  • Twitter
  • LinkedIn
  • MySpace
  • Print
  • PDF
  • Google Bookmarks
  • Add to favorites
Постари Постови »
Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes